Економија Претставничкиот дом на САД ја усвои резолуцијата за буџетот за 2016 година

Претставничкиот дом на САД ја усвои резолуцијата за буџетот за 2016 година

Резолуцијата за буџетот за следната година ја усвои претставничкиот дом на САД. Со неа е предвидено намалување на трошоците за социјалните и за здравствените програми.

Буџетот за 2016 година, кој беше предложен од републиканците, во висина од околу 3.800 билиони долари, предвидува целосно укинување на американскиот дефицит до 2024 година, а кој лани достигна 2,8 отсто од БДП.

Претставничкиот дом го усвои буџетот со 228 гласови „за“ и со 199 „против“. Сите демократи гласаа против. Сенатот планира да усвои своја верзија на буџетот до крајот на неделата. Потоа двете верзии ќе треба да бидат усогласени.

Необврзувачката буџетска резолуција е документ, со кој се одредуваат насоките за донесување закони за финансии, со кои се определуваат точните средства што ќе ѝ бидат доделени на секоја федерална агенција.

Законите треба да бидат усвоени до почетокот на буџетската година, која почнува на 1 октомври. Секоја година донесувањето на овие закони води до судир меѓу републиканците и демократите, кои се малцинство и во двата дома на Конгресот. Демократите, сепак, имаат блокирачко малцинство во Сенатот.

Буџетот предложен од републиканците, меѓу другото, предвидува укинување на здравствената реформа на Обама, позната како „Обамакер“, како и скратување на некои од програмите за здравствено осигурување на најсиромашните и на лицата постари од 65 години.

Буџетот за воените операции во странство е зголемен, што беше побарано и од Обама, но на 96 милијарди долари, наместо побараните 58 милијарди.