Македонија Ахмети се сретна со белгиската амбасадорка Ван Калстер

Ахмети се сретна со белгиската амбасадорка Ван Калстер

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска оствари работна средба со белгиската амбасадорка Аник ван Калстер. Амбасадата на Белгија со седиште во Софија, Бугарија, истовремено е и дипломатско претставништво и за Република Македонија.

На средбата, соговорниците разговарале за актуелната ситуација во земјата и во регионот, економскиот развој, меѓуетничките односи, како и за евроатланската интеграција.

Како што соопштија од ДУИ, претседателот Ахмети зборувал за потребата за конкретна меѓународна ангажираност во однос на решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина кој нè држи далеку од интеграцијата во НАТО и од почеток на преговорите за членство во ЕУ.

– Без вклучување на меѓународните пријатели, ова прашање не се решава. Без побрзо решавање на ова прашање, не може да има трајна стабилност и мир во земјата и во регионот, уште помалку здрави меѓуетнички односи и економски развој – рекол Ахмети.

Ахмети ја поздравил белгиската инвестиција во Македонија со надеж дека успешниот пример на белгиската фабрика за автобуси ќе го поттикне приливот на нови белгиски инвестиции во Македонија, со што ќе помогне во економскиот развој и отворање нови работни места.

– Но, и одржливиот економски развој е заложник на нерешавањето на прашањето за името и за одложувањето на членството во НАТО и во ЕУ, поради политичката и финансиската несигурност која влијае и кај странските инвеститори – рече Ахмети.