Македонија Претседателката на Европската комисија во недела доаѓа во Скопје

Претседателката на Европската комисија во недела доаѓа во Скопје

Во недела во Скопје фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, додека во понеделник ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски

Фото: Исечок од видео на Европската Комисија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во недела ќе ја започне четиридневната посета на Западен Балкан. На 29 октомври таа најпрво ќе дојде во С. Македонија, а наредните денови ќе ги посети Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

За време на посетата ќе се дискутира билатералната соработка и на лидерите од регионот ќе им се претстават детали за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Во недела во Скопје фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, додека во понеделник ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Во владиното седиште во понеделник ќе одржат заедничка прес-конференција Ковачевски и фон дер Лајен, а заедно ќе посетат и фабрика за преработка на зеленчук и овошје во близина на Скопје.

Во понеделник, претседателката на Европската комисија ќе го продолжи патувањето во Приштина, по што ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево.