Здравје Пресадено срце од утрово почна да чука во градите на 40 годишен...

Пресадено срце од утрово почна да чука во градите на 40 годишен пациент

Првпат во историјата на македонското здравство, утрово од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт, информираа од Министерството за здравство

Фото: Министерство за здравство

Од рано утрово ново срце почна да чука во градите на 40 годишен пациент од Скопје. Во Државната кардиохирургија синоќа беше изведена деветта по ред трансплантација на срце во македонското здравство. Како што информираат во Министерството за здравство, нова шанса за живот добил и пациент на кој му бил пресаден црн дроб, а кој претходно имал хронична црнодробна болест. Други двајца пациенти на дијализа, во текот на денот ќе добијат бубрези.

„Првпат во историјата на македонското здравство, утрово од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт. Благодарение на хуманоста на едно семејство, нивната љубов, добрина и емпатија која ја носат во себе, дополнително шанса за поквалитетен живот наредниве денови ќе добијат и пациенти со коскени заболувања“, информираат од министерството.

Оттаму изразуваат благодарност до семејството на донорот.

„Благодарност и до сите медицински тимови кои изминативе 24 часа работеа и сè уште работат на скопските хируршки и интерни клиники. На пациентите кои добија органи им посакуваме брзо опоравување. Горди сме на секој нов успех“, наведено е во соопштението.