Македонија Премиерот Груевски се сретна со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун

Премиерот Груевски се сретна со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун

Премиерот на Македонија, Никола Груевски, во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, со кој разговарал за активностите на Република Македонија во рамките на Обединетите нации, за процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за наоѓање заемно прифатливо решение за спорот помеѓу двете земји и за предизвиците во врска со мигрантите.

Груевски го информирал генералниот секретар за реформите што ги спроведува земјата за унапредување на стандардите во сите општествени сфери, како и за номинацијата на Република Македонија за кандидат за следен генерален секретар на Обединетите нации.

„Во однос на процесот на наоѓање решение за наметнатиот спор од Република Грција, премиерот Груевски истакна дека е потребно да се зголеми интензитетот со што би се надминал застојот и што би водело кон поголеми можности за наоѓање решение, додавајќи дека Република Македонија посветено и одговорно се однесува кон ова прашање“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Генералниот секретар Бан Ки-мун изразил позитивна оцена за придонесот на Република Македонија во реализацијата на целите на Обединетите нации.

Во однос на предизвиците со мигрантите, било истакнато дека е потребен координиран пристап на меѓународната заедница за надминување на сите предизвици поврзани со оваа тема.