Свет Европа Предупредување за масовно следење во ЕУ

Предупредување за масовно следење во ЕУ

Советот на Европа издаде силно предупредување за масовно следење на европските граѓани, кое се овозможува и се воведува низ новите мерки што владите ги предлагаат по терористичките напади во Париз и во Копенхаген.

Претставникот на Советот задолжен за фундаменталните човекови права, Нил Муизникс, вели дека предлозите како што се целосна забрана на енкриптирање податоци на интернет, што ја заговара британскиот премиер Дејвид Камерон, целосно ја отвораат вратата за безбедносните служби за следење на приватните комуникации.

– Малку се научи од аферата „Сноуден“ за опасноста за човековите права – рече Муизникс.

Од Советот сметаат дека се крајно недемократски плановите на давачите на интернет-услуги да им се овозможи отстранување на содржини кои „поттикнуваат тероризам“, без притоа да постои можност да се оспорат или побијат на суд.

Муизникс апелира до владите на ЕУ да бидат внимателни при усвојување на антитерористичките мерки и повикува на силна демократска контрола на разузнавачката заедница, која ја опишува како „мизерно несоодветна“ во поголем дел од ЕУ.