Главна секција Предлогот за разрешување на Зврлевски тргна од Влада кон Собрание

Предлогот за разрешување на Зврлевски тргна од Влада кон Собрание

Предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски денеска бил потпишан од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и испратен во Собранието на Република Македонија.

Откако ќе го добие, Собранието треба да закаже седница на која пратениците треба да го разгледаат и да гласаат за разрешувањето на Зврлевски. За разрешување на државниот јавен обвинител е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.

Според Законот за јавно обвинителство, Зврлевски има право да присуствува на седницата на Собранието и да се произнесе по предлогот на Владата за негово разрешување.

Инаку, поради отсуството на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој учествува на безбедносен форум во Рига, Летонија, следната пленарна седница на Собранието е закажана за четврток.

Владата на седница во петокот минатата недела, ја донесе одлуката за разрешување на Зврлевски поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Констатирано е дека Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за поведување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил угледот на функцијата.

Претходно минатата недела, и Советот на јавни обвинители донесе позитивно мислење, односно го прифати предлогот на Владата за разрешување на актуелниот државен јавен обвинител.