Свет Балкан Предлогот за прием на Косово во Советот на Европа усвоен во Парламентарното...

Предлогот за прием на Косово во Советот на Европа усвоен во Парламентарното собрание

Од листата на гласање може да се види дека меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ

Фото: Совет на Европа

Македонските пратеници во парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се изјасниле позитивно во усвојувањето на нацрт-извештајот со кој се препорачува да се одобри Косово да стане членка на оваа организација.

Од листата на гласање може да се види дека меѓу пратениците што дале поддршка за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ.

Од 29 претставници во Парламентарното собрание на Советот на Европа кои гласаа против препораката за членство на Косово во Советот на Европа, осум се од Шпанија, јави Радио телевизија на Србија. Покрај претставниците од Шпанија, против членството на Приштина во Советот на Европа гласале и четворица претставници од Унгарија, двајца од Кипар, а само еден од петте претставници на Грција гласал против. Против гласал и еден пратеник од Германија, двајца пратеници од Франција и еден од Италија.

По денешното усвојување на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство.Состанокот на Комитетот на министри треба да се одржи на 16 и 17 мај во Стразбур.

За прием на Косово во Советот на Европа гласале 131 од присутните 171 член на ПС СЕ, 29 биле против, а 11 воздржани.

Косово ја поднесе својата кандидатура за членство пред две години, а таа беше прифатена на седницата во април лани.

Србија бурно реагираше на идејата Косово да влезе во Советот на Европа, а предлагачот Дора Бакојани ја обвинија за лицемерие.