Дописници Предлог: Учебната година да почне на 15 септември

Предлог: Учебната година да почне на 15 септември

Охриѓани предлагаат, по примерот на некои од соседните држави, почетокот на учебната година да биде на 15 септември. Со тоа ќе се продолжи и туристичката сезона, велат туристичките работници од Охрид, а слично мислат и во Струга.

И двата крајезерски града деновиве го живеат шпицот на главната туристичка сезона, со многу гости, меѓутоа поради лошото време во јуни и случувањата во Куманово, во месеците мај и јуни, посетеноста била многу слаба, а многу од аранжманите биле откажани.

– Би се продолжила и сезоната, а бенефит би имале и хотелите. Тогаш и хотелите би излегле со едни супер цени, септемвриски цени. Можеме да ја растовариме сезоната со една убава класична сезона, а концертите да се одржуваат од први до 15 септември. Тогаш сезоната ќе биде прекрасна – вели туристички работник, Љупчо Јузмески.

Никола Јанев, еден од најстарите туристички водичи во Охрид, вели дека е неопходно државата да ја сфати потребата од одложување на почетокот на учебната година.

Ако се продолжи сезоната, многу повеќе туристи во Охрид и во Струга ќе има и во текот на септември.