Македонија Пречекорен рокот за асфалтирање на последниот километар Тетово – Попова Шапка

Пречекорен рокот за асфалтирање на последниот километар Тетово – Попова Шапка

Иако на 5 септември годинава, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во рок од две недели последниот километар од патниот правец Тетово-Попова Шапка ќе се асфалтира, ова ветување не е одржано и патот до денес остана неасфалтиран.

Од министерството известуваат дека министерот Бектеши во текот на неделата ќе ја посети Попова Шапка за да ги следи работните активности на реконструкцијата на патниот правец, пренесува „Порталб.мк“.

Патот Тетово-Попова Шапка требаше да се асфалтира во должина од 18 километри, меѓутоа последниот километар од истиот остана не асфалтиран. После неколку недели нејаснотии околу тоа под чија надлежност е овој правец, министерот Бектеши рече дека делот кој е регионален пат ќе се асфалтира во целост во рок од две недели од датумот 5 септември, но истиот се уште не е асфалтиран. Од министерството за економија велат дека за идните активности министерот ќе известува лично во текот на увидот на градежните работи.

„Министерот Бектеши во текот на оваа недела ќе врши увид врз градежните работи за реконструкција на патниот правец Тетово -Попова Шапка и ќе ве информира за следните активности“, велат за „Порталб.мк“, од министерството за економија.

Рехабилитацијата на патот Тетово-Попова Шапка започна во мај годинава и треба да заврши во септември. Патот до сега е асфалтиран до еден километар од влезот во ски-центарот. Од Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ побараа додека машините стојат на место, да се продолжи патот за уште еден километар.