Главна секција Пратениците не изгласаа интерпелација на министерот Тодоров

Пратениците не изгласаа интерпелација на министерот Тодоров

Со 29 гласа „за“ и со 56 гласа „против“, пратениците во Собранието на Република Македонија ја отфрлија интерпелацијата на министерот за здравство, Никола Тодоров, која беше поднесена од пратеничката група на СДСМ.

Претходно, за време на расправата, пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаскa, обвини дека Тодоров е виновен за смртта на Тамара, смртта на родилката од Гевгелија, за нефункционирањето на „Мој термин“ и за многу други неуспешни проекти.

Во својот говор министерот Тодоров не спомна ништо за трагичните случаи поради кои илјадници граѓани излегоа на улиците да ја бараат неговата оставка. Тодоров цело време ги промовираше досега сработените проекти во здравството.

За време на расправата на пратениците, пред Собранието, во 18 часот, група граѓани и активисти протестираа против лошите политики во здравството. Тие побараа од министерот Тодоров да поднесе оставка од функцијата и да преземе политичка и морална одговорност.