Дописници Пратеникот Зоран Илиоски ќе биде шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во...

Пратеникот Зоран Илиоски ќе биде шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Битола

Актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Зоран Илиоски, како нов претседател на општинскиот изборен штаб за престојните парламентарни избори, веќе ги презел сите работи во свои раце и ставил свои луѓе на клучни позиции, дознава „Мета“.

Досега беше практика локалното раководство на партијата да го води општинскиот изборен штаб и активностите пред избори. Но, овојпат, централата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје одлучила довербата да му ја даде на пратеникот Илиоски, инаку поранешен претседател на општинскиот комитет во градот.

Илиоски во прес-центарот на општинскиот изборен штаб го врати поранешниот новинар Благој Шаклевски, актуелен советник, а за кординатор на советничката група во Советот на Општина Битола го назначи Игор Хаџиевски, внук на лустраторот Томе Аџиев.

Пратеникот Илиоски за „Мета“ потврдува дека во функција на изборите, тој и неговиот тим ќе ги водат партиските активности во градот.

– Како претседател на општискиот изборен штаб, јас ќе ги водам изборите. Општинскиот комитет си е општински комитет. Сите функции се во позицијата на изборите и луѓето кои јас ги поставувам се со привремени функции. Ќе има разместување лево-десно, но сè е во функција на изборите – вели пратеникот Илиоски.