Македонија Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не сака опозиција и не е заинтересирана...

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не сака опозиција и не е заинтересирана за реформи

Социјалдемократскиот сојуз, нивното парламентарно мнозинство и Владата на Република Македонија ја загрозуваат евро-атлантската перспектива на Република Македонија, соопшти денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со продолжените постапки на политички реваншизам, политички прогон и провокации кои не одат во насока на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани, СДСМ јасно покажува дека не им е приоритет ниту европската агенда, ниту реформите во државата, ниту економијата, ниту стандардот на граѓаните. Единствено нешто што СДСМ го интересира е да си ги запоседнат фотелјите однесувајќи се раскалашено, а своето незнаење, неспособност и афери да го покриваат со политички прогон и реваншизам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратеничката група на опозицијата велат дека со свои активности ќе стори сѐ што е во нејзина можност да и покаже на јавноста дека СДСМ не ја интересира ништо друго освен да биде власт без опозиција и без никаква контрола.

„СДСМ покажа дека не сака да има опозиција ниту во Собранието на Република Македонија, ниту во државата. Нивната неодговорност е видлива и е плод на опиеноста од власт. Тргнаа по погрешен пат кој ќе и нанесе лоши последици на целата држава и на сите нејзини граѓани“, се вели во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.