Македонија Пожарникари го пронајдоа телото на удавеното момче од Дабиле во браната „Чаушица“

Пожарникари го пронајдоа телото на удавеното момче од Дабиле во браната „Чаушица“

Вчера, и жителите од Дабиле се организирале самите да го бараат удавеното лице

Фото: ЦУК

Регионалниот Центар за управување со кризи во Струмица денеска соопшти дека утрово во 9 часот е пронајдено телото на удавеното 29 годишно момче (М.П.) од струмичкото с. Дабиле, по осумдневна потрага во браната „Чаушица“, што се наоѓа кај с. Дрвош.

„Телото било пронајдено утрово од пожарникарите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица. На терен се очекува да излезе јавен обвинител од Струмица, со надлежните институции согласно потребите“, информираат во ЦУК.

Инаку потрагата по удавеното момче започна на 16 јули кога стасала пријавата за удавено лице од Дабиле. Настанот се случил кога удавениот со својот брат и другарите пливале во браната. Кога забележале дека и по 20 минути не излегол од водата пријавиле на Итна медицинска помош и во полиција.

„Поради специфичноста на браната каде што има многу дрва, гранки и кал во езерцето кои ја отежнуваат спасувачката акција, истиот ден на терен во потрагата биле вклучени и пожарникарите од Струмица со едно теренско возило и соодветна опрема. Потоа, на 17 јули во потрагата била вклучена и нуркачка екипа од МВР – ЕЗС „Тигар“, но телото не било пронајдено“, велат во ЦУК.

Вчера, жителите од Дабиле се организирале самите да го бараат удавеното лице. Денеска во 9 часот утрово го пронашле телото.