Подглавна секција Пожар во хемиска фабрика во Северодоњецк каде се засолнети стотици цивили

Пожар во хемиска фабрика во Северодоњецк каде се засолнети стотици цивили

фото: „Укринформ“ / 24 мај 2022

Руското гранатирање предизвика огромен пожар во хемиска фабрика во украинскиот град Северодоњецк, каде што беснеат борби без престан, пренесе „Би-би-си“.

Пожарот во фабриката „Азот“ во Северодоњецк започнал во саботата по истекување на неколку тони нафта од оштетените радијатори. Ова го изјавил Серхи Хајдај, гувернер на Луганската област во Украина.

Изградена во 1951 година, фабриката „Азот“ до пред војната претставуваше третиот најголем производител на амонијак во Украина.

Според информациите, во оваа фабрика се засолнети стотици цивили. Украинските власти проценуваат дека околу 800 цивили се кријат во подземните засолништа во „Азот“.

Северодоњецк стана фокусна точка на напорите на Русија да напредува во источна Украина.

Борбите траат повеќе од три месеци. Раниот обид на Русија да ги заземе големите градови, вклучително и главниот град Киев, пропаднаа, па сега Русија се обидува да ги заземе регионите Луганск и Доњецк – огромна, претежно индустриска област, колективно позната како Донбас.

Според „Би-би-си“, заземањето на Северодоњецк и неговиот збратимен град Лисичанск ќе ја приближи Русија до нејзината цел бидејќи тоа би им дало контрола над Луганск.

Во својата изјава, Хајдај призна дека поголемиот дел од Северодоњецк сега е во руски раце. Тој не кажа дали пожарот е изгаснат и дали предизвикал човечки жртви.

Опишувајќи ја моменталната ситуација, Хајдај рече дека состојбата е тешка, но под контрола.

„Нашите војници победуваат во уличните борби, но, за жал, непријателската артилерија едноставно ги уништува куќите што нашите војници ги користеа како засолништа“, изјави гувернерот на Луганск.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека руските војници претрпеле „многу значајни“ жртви во Донбас и дека украинските сили повторно зазеле села и градови во југоисточните региони Керсон и Запорожје.

Украина бара повеќе оружје од своите сојузници, предупредувајќи дека Русија има најмалку 10 пати повеќе оружје.