Галерија Пожар под мостот „Беласица“, во тек е увид на настанатата штета

Пожар под мостот „Беласица“, во тек е увид на настанатата штета [Галерија]

Од пожарот биле оштетени дел од цевките за парно греење на „Балкан Енерџи Груп“ и тие испратиле екипа за нивна санација, информираат од ЦУК

Изгорените цевки под мостот „Беласица“; Фото: Мета.мк

Синоќа околу полноќ е пријавено дека настанал пожар под мостот на улица Беласица кај Ист Гејт Мол. Пожарникарите неколку часа ги гаселе огромните пламени јазици, а утрово мостот „Беласица“ е затворен за сообраќај на потегот од булеварот Гоце Делчев до улицата Никола Карев.

„Полициски службеници излегле на местото на настанот, а сообраќајот бил пренасочен. Пожарот е изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита и во тек е увид“, информираат утрово од Министерството за внатрешни работи.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во гаснењето на пожарот учествувале 21 пожарникар со осум противпожарни возила, а била зафатена површина од 2.000 метри квадратни. Пожарот бил изгаснат во 4 часот утрово.

Од ЦУК додаваат дека нема оштетувања на бензинската пумпа „Макпетрол“, а од „Гама“ биле на лице место и утврдиле дека немаат гасоводна мрежа на оваа локација. Од пожарот биле оштетени дел од цевките за парно греење на „Балкан Енерџи Груп“ и тие испратиле екипа за нивна санација, информираат од ЦУК.

Причината за пожарот под мостот „Беласица“ и материјалната штета ќе бидат дополнително утврдени.