Свет Свет Повторно воздушни напади на Алепо

Повторно воздушни напади на Алепо

Сириските опозициски активисти јавуваат дека во источниот дел на Алепо денеска се изведени воздушни напади, првпат по три недели. Тоа, како што велат, би можело да означува почеток на нова владина офанзива на овој северносириски град.

Сириската Опсерваторија за човекови права соопшти дека се бомбардирани три населби, но оти засега нема податоци за евентуални жртви.

Активистката Бара ел Халаби, која се наоѓа во источниот дел на Алепо, вели дека борбени авиони истрелале проектили и дека хеликоптерите фрлиле буриња со експлозиви во тој дел на градот.

Русија кон средината на октомври соопшти дека ги запира воздушните напади за да им овозможи на бунтовниците и на нивните приврзаници да ги напуштат источните делови на Алепо.

Бунтовниците ја одбија понудата, а Обединетите нации не успеале да се договорат за достава на хуманитарна помош во градот.