Свет Европа Повеќе од милион барања за азил во ЕУ годинава

Повеќе од милион барања за азил во ЕУ годинава

Во ЕУ до крајот на октомври се регистрирани 937.000 барања, што е зголемување за 22 отсто во однос на истиот период лани

Фото: Patrick Pleul/dpa

До крајот на годинава ќе има повеќе од еден милион луѓе кои бараат азил во Европската Унија, покажуваат податоците на Агенцијата за азил на ЕУ. Најпосакувана дестинација е Германија, а веднаш потоа следуваат Франција и Италија, соопшти германската новинска агенција ДПА.

„Ќе има повеќе од милион барања,” изјави шефицата на агенцијата Нина Грегори, за медиумската група „Функе“.

Во октомври имало околу 123.000 пријави, што е најмногу за еден месец во последните седум години. Вкупно, 27-те земји членки на ЕУ моментално имаат речиси 450 милиони жители.

Грегори исто така кажа дека не се очекува значителено намалување на бројот на мигранти.

„Светот е сè понестабилен“, додаде таа, а според тоа, потребата за заштита на бегалците нема да се намали во 2024 година.

Во ЕУ до крајот на октомври се регистрирани 937.000 барања, што е зголемување за 22 отсто во однос на истиот период лани.

Во Германија до крајот на ноември се поднесени речиси 326.000 барања за азил, што е зголемување за 52 отсто во споредба со првите 11 месеци од 2022 година, покажуваат податоците на Федералната канцеларија за миграција и бегалци.