Економија Повеќе од 800 даночни обврзници под истрага за затајување данок во Австралија

Повеќе од 800 даночни обврзници под истрага за затајување данок во Австралија

Повеќе од 800 богати Австралијци се под истрага од даночната управа поради затајување данок, еден ден откако една од најголемите адвокатски фирми на Панама, „Мосак Фонсека“ објави 11,5 милиони документи за тоа како богаташите ги перат парите и избегнуваат плаќање данок.

Даночната управа денеска идентификувала 120 австралиски даночни обврзници од податоците што ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари врз основа на податоците на компанијата „Мосак Фонсека“.

– Австралиската даночна управа соработува со федералната полиција и со известувачките служби за да ги провери овие наводи – изјави заменик директорот на даночната управа, Мајкл Кранстон.

Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари од Вашингтон анализарал 11,5 милиони документи за 241.000 фиктивни компании.

Документите содржат информации за наводни нелегални работења на десетина поранешни и сегашни светски лидери, како и криминалци, спортисти, славни личности.