Македонија Потпишан меморандум за изградба на Коридорот 8, до 15 ноември ќе се...

Потпишан меморандум за изградба на Коридорот 8, до 15 ноември ќе се достават понуди за пругата кон Бугарија

Изградбата на пругата кон Бугарија со години е заглавена на делницата Куманово-Бељаковце | Фото: Бојан Блажевски

Тројцата министри за транспорт на Северна Македонија, Албанија и Бугарија денеска во Софија го потпишаа трилатералниот Меморандум за соработка, со кој се истакнува заедничката заложба на трите земји за координирана изградба на железничкиот и патниот Коридор 8, информираат од Владата на РСМ.

„Железничкото поврзување кон Исток со Република Бугарија и кон Запад со Република Албанија е од клучно значење за развој на севкупниот железнички систем во Република Северна Македонија. Изградбата на нови пруги треба да овозможи забрзан економски раст на целиот регион долж Паневропскиот коридор 8“, истакна министерот Бочварски по средбата со бугарскиот министер Христо Алексиев и албанската министерка Белинда Балуку.

Бочварски додаде дека трите земји ја потврдиле заедничката волја и подготвеноста за долгорочно планирање и координиран развој на Коридорот 8. Само во делот на земјава, инвестициите за изградба и докомплетирање на железничкиот Коридор 8 надминуваат 1 милијарда евра.

Потпишувањето на Меморандумот во Софија доаѓа по минатонеделното потпишување на договорот со конзорциумот ИРД Инженеринг, којшто ќе го врши надзорот над градежните работи за изведба на двете фази од пругата Куманово-Крива Паланка. Вредноста на договорот е 4,8 милиони евра, со времетраење од 39 месеци од денот на почеток на градежните работи.

Владата доби и неповратни средства од Европската банка за обнова и развој за консултантски услуги за надзорен инженер преку Фондот за инвестиции за Западен Балкан на ЕУ.

Во исто време, постапката за избор на изведувач на пругата Куманово-Крива Паланка продолжува со втората квалификациона фаза, во која градежните компании и конзорциумите селектирани во првата фаза се повикани до 15 ноември да ги достават своите понуди за изградба на овој сегмент од Коридорот 8, по што ќе следи фазата евалуација на понудите и избор на најповолен изведувач.