Македонија Постигнат договор, возовите ќе почнат да сообраќаат од 20 часот

Постигнат договор, возовите ќе почнат да сообраќаат од 20 часот

Железници на РСМ-Транспорт е најголемиот државен загубар со години наназад, а поради натрупаните долгови и нерентабилното работење на претпријатието се доцни со исплатата на плати

Фото: Мета.мк

Патничките и товарните возови ќе продолжат да сообраќаат од вечерва во 20 часот по седумчасовниот бојкот на работењето на вработените од Железници на РСМ-Транспорт. Вработените со менаџментот на државната компанија постигнале договор најдоцна до петок да се исплати вториот дел од платата за јуни, но и да започнат преговори за измени во актот на систематизација за да се покачи коефициентот, потврдил за МИА Тони Димовски од работниот персонал на Железници на РСМ-Транспорт.

Инаку, железничкиот сообраќај беше во прекин од 13 часот попладнево, поради што не сообраќаа возовите од Скопје за Велес, Битола, Гевгелија и обратно. Речиси секој месец наназад во изминатиов период, машиновозачите и останатиот персонал од железничкото претпријатие со протести изнудуваат исплата на заостанатите плати од раководството на компанијата.

Железници на РСМ-Транспорт е најголемиот државен загубар со години наназад, а поради натрупаните долгови и нерентабилното работење на претпријатието се доцни со исплатата на плати, што пак доведува до чести прекини на работењето на железничарите.