Македонија Поскапеа геодетските услуги

Поскапеа геодетските услуги

Владата го одобрила новиот геодетски тарифник изготвен од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на 30 јануари, тој е објавен во Службен весник на 7 февруари, а стапил на сила на 15 февруари

Илустрација: Исечок од веб-страницата на Агенција за катастар на недвижности

Веќе пет дена е на сила нов тарифник за геодетските работи, со нови, повисоки надоместоци. Како што објаснува Агенцијата за катастар на недвижности, станува збор за поскапување што е неопходно поради зголемените реални трошоци на овластените геодети-поединци и геодетските фирми – струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и сл.

Цените може да се видат тука.

Владата го одобрила новиот геодетски тарифник изготвен од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) на 30 јануари, тој е објавен во Службен весник на 7 февруари, а стапил на сила на 15 февруари.

Во висината на надоместоците од правилникот не се пресметани трошоците за користење податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност.

Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи надоместот за извршените геодетски работи пропишан со овој тарифник можат да го намалат најмногу до 50 проценти.

Како што за Мета објаснија од АКН, постои и отворен сет на бесплатни податоци кој може да се користи од страна на граѓаните, приватниот сектор и други заинтересирани. Листата на отворени податоци, за кои не се наплаќа надоместок е опишана во член 7 од Tарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем, како и за издавање на овластување за изработка на картографски производи и за висината на надоместокот за издавање на согласност за ставање во употреба на картографскиот производ.