fbpx

Порталб: Иницијатива за промена на имињата на улиците во Тетово и постапката низ која ќе се одвива процесот

-

Започнаа првите активности на јавната расправа за промена на имињата на улици, училишта и јавни установи во Тетово, иницијатива која се спроведува во соработка меѓу Академското здружение на Албанците за уметност и наука и Општина Тетово. И покрај тоа што во минатото имало обиди да за вакви измени, тие или биле неуспешни или не се одело до крај. Касами вети дека процесот од страна на Општината ќе оди до крај, пишува Порталб.мк.

Иницијативата предвидува промена на имињата на улици и институции и да се одрази етничката и културната реалност на Тетово и селата под оваа општина.

Професорот Зеќир Кадриу рече дека сегашните имиња не ја одразуваат реалноста, а според него целта не е да се елиминираат македонските имиња.

„Важно е да се вклучи и етничката реалност на Тетово. Не е на штета на ниту една политичка партија. Се надеваме дека со поддршка ќе стигнеме до крај, следејќи ги законските процедури“, рече Кадриу, додавајќи дека порано немале поддршка, но сега имаат од општината и токму затоа иницијативата доаѓа во овој момент.

Според првичните предлози на ова здружение, предложените имиња се имиња на преродбеници, албански градови, нови имиња и имиња од други етнички групи кои живеат во Тетово.

Потсетуваме дека во минатото имаше и вакви иницијативи кои не беа завршени до крај. Во Тетово има случаи кога улица од општината е именувана со едно име, а во централните институции е регистрирана со друго име.

Ова го истакна градоначалникот на општина Тетово, и рече дека ќе одат до крај со иницијативата и дека предвидуваат во текот на годината таа да биде завршена како процес.

„Во минатото имаше неколку обиди за промена на имињата на некои улици, но никогаш не резултираа со завршен проект, а како резултат на тоа, во Тетово се соочуваме со улици кои имаат два имиња, а граѓаните се збунети околу тоа кое име е официјално. Тоа е комплексен проект со многу институции“, рече Касами, додавајќи дека доколку другите институции создаваат пречки во оваа насока, одговорноста мора да се бара од нив.

И, иако другите субјекти вчера не учествуваа во расправата, Касами рече дека тие ќе бидат вклучени во процесот. Бидејки за да помине истото на совет, мора да има мнозинство и од другите етникуми.

„Несомнено е дека ќе бидат вклучени сите категории граѓани кои се заинтересирани и засегнати со именувањето на улици и други институции на локално ниво. Верувам дека во советот ќе најдеме заеднички јазик кој ќе ја одразува реалноста и дека овој процес ќе заврши успешно. Кога ќе се формира општинскиот совет ќе се бара да се формира комисија и за овој случај каде ќе бидат опфатени сите етникуми“, заклучи Касами.

Граѓанската иницијатива „Виртуелен музеј Тетово“ ја поздрави иницијативата на општината, а воедно и изрази незадоволство.

„Чувствуваме обврска да реагираме и да го изразиме нашето разочарување и непочитување од страна на општинската институција бидејќи истата иницијатива беше превземена од наша страна во јануари годинава и за жал немавме никаква институционална поддршка за ова прашање или каква било соработка во врска со истата“, велат од оваа Иницијатива, со надеж дека тоа нема да се повтори на следните средби.

 

Иако изгледа лесен процес, практиката вели дека има многу работа за да се реализира

Зад сцената на полемиките за тоа како треба да се „крстат“ улиците на градовите, општинските власти спроведуваат административни процедури, кои честопати се завиткани во околности или политички интереси, но кои не секогаш се тераат до крај. Токму тоа им предизвикува бирократски проблеми на граѓаните, карактеристични за нашата земја која полека оди кон дигитализација.

Типичен пример за недостиг на електронска интерконекција на институциите е случајот со именувањето на улиците. Општините и Градот Скопје се обврзани со закон да имаат регистри со имињата на нивните улици и да ги ажурираат, во спротивно за нив е предвидена глоба од 20.000 до 30.000 денари.

Регистарот во кој се евидентирани сите имиња во државата се нарекува Регистар на адреси и со него управува Централниот регистар. Во Македонија, всушност, постојат два вида евиденции на адресите, онаа со која управуваат општините (за внатрешна употреба) и Централниот регистар (јавен).

Конфузија се создава кога општините ги менуваат имињата на улиците, а потоа не ги вршат потребните процедури за нивно евидентирање во Централниот регистар, како и кога регистрите на адресите не се ажурираат. Со тоа практично се создава административен метеж, при што одредена улица во општината е евидентирана со одредено (ново) име, додека во Централниот регистар со различно (старо) име. Законски, име на улица што не е запишано во Централниот регистар не важи.

 

Која е постапката за промена на имињата на улиците?

Според законот, промената на имињата на улиците мора да помине низ процес, кој започнува од општината, а со одобрение на владата завршува во Централниот регистар, кој потоа го дистрибуира известувањето до МВР, Заводот за статистика и Агенцијата за катастар.

Промената на името на една улица поминува низ неколку фази, за кои има законски утврдени рокови.

Општинскиот совет усвојува предлог за имиња и предлогот се праќа до Влада. Потоа списокот се враќа во општинскиот совет и се гласа за усвојување. Во рок од 8 дена списокот заедно со документацијата се доставува до Централниот регистар, кој во рок од 15 дена ќе треба да го запише новиот назив на одредена улица. По промената, во рок од 3 дена, Централниот регистар доставува известување за промената до МВР, Катастарот и Заводот за статистика.

Ова би бил нормалниот процес, но општинските власти често не го почитуваат истиот. Всушност според една презентација на Агенцијата за катастар, за тоа дека во текот на 2018 година одржале работилница за воспоставување на Регистар на адреси во Република Македонија, при што 40% од општините во нашата земја не постапиле согласно законските обврски за пренос на податоците во Централниот регистар.

 

Граѓаните плаќаат поради недостигот на интероперабилност меѓу институциите

И покрај фактот што во Северна Македонија постои Платформа за интероперабилност или интерконекција, според која државните органи, институции и деловните субјекти треба да разменуваат податоци меѓу нив, тоа во пракса функционира делумно. Менувањето на имињата на улиците, без ажурирање на регистрите, им предизвикува дополнителни главоболки на граѓаните, тие се изложени на управни постапки и мораат да талкаат низ шалтерите за да извадат „потврди“, за што трошат пари.

Другата страна на медалот е што овие измени ги принудуваат граѓаните да се заглават во бирократски процедури, каде институциите бараат од граѓаните „потврди“ за да докажат дека името на улицата што ја имаат во одреден документ е сменето. Проблемот се продлабочува бидејќи се случува името на некоја улица да претрпело измени неколку пати, а општините не ги доставуваат измените во Централниот регистар или не ги ажурираат своите регистри. Кажано народски, имињата на улиците се менуваат за популизам, а граѓаните потоа мака мачат за да поминат низ лавиринтите на административната бирократија.

Впрочем, Катастарот не е поврзан ниту со Регистарот на адреси на Централниот регистар, а Централниот регистар не е поврзан со истите регистри на општините.

Агенцијата за катастар поседува графички регистар за имиња на улици и куќни броеви, што претставува дополнување со геопросторни податоци на податоците што Агенцијата ги добива по службена должност од Регистарот на имиња на улици и куќни броеви што се водат во Централниот регистар.

Овој недостаток на интероконекција создава и дополнителни проблеми во случаите кога се менуваат имињата на улиците, бидејќи доколку граѓаните сакаат да ги запишат своите имоти со новото име, мора да вложат и труд и да платат за тоа.

Агенцијата за катастар и недвижности ги запишува имињата на улиците во имотните листови на недвижностите само врз основа на доставување на правен основ кој го издаваат надлежните органи. Според Катастарот, доколку за имот не се достават податоци за името на улицата и број, просторот со името на улицата во имотниот лист ќе биде празен.

Доколку се смени името на улицата каде што живее некој граѓанин и ако тој сака да ги ажурира податоците во неговиот имотен лист, мора прво да отиде во општината каде што живее, да земе потврда дека името на улицата е сменето, и потоа оди во Катастар. За секоја промена треба да се платат 300 денари, а рокот за издавање на документот е 7 дена.

 

„Потврда“ за документи за идентификација, само при промена на куќниот број

Личната карта и пасошот, важат до истекот на рокот, без разлика дали е сменето името на улицата. Од МВР, за Порталб.мк, објаснуваат дека само доколку општините го сменат куќниот број, тогаш граѓаните мора да достават потврда од општината.

За разлика од Катастарот, Министерството за внатрешни работи е поврзано со Централниот регистар на населението, каде меѓу другото се наоѓаат и регистрите на улиците и адресите.

Инаку, во Тетово, иако некои улици се именувани на албански јазик, тие ги користи само општина Тетово при комуникација со граѓаните, додека во официјалните документи и понатаму остануваат имињата од времето на поранешна Југославија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...