Македонија Поради зголемената трансмисија на коронавирус, МЗ препорачува внимателност и преземање мерки за...

Поради зголемената трансмисија на коронавирус, МЗ препорачува внимателност и преземање мерки за лична заштита

Фото: Архива на Мета.мк

Неспорно е дека во нашата држава се забележува зголемување на трансимисија на коронавирус, но и дека ова е општ тренд што не може да се очекува да се одбегне, велат преку соопштение од Министерството за здравство (МЗ).

Иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква Министерството за здравство препоречува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува, но не исклучиво, на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина.

Од таму препорачуваат, при престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минумум ФПП2, Н95 или ФФП3. Понатаму, просториите во кои се престојува подолго време, како канцеларии, занимални во градинки или сали за состаноци, како и спортски објекти, редовно да се проветруваат и да се дезинфицираат, но и да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра.

Од Здравство препорачуваат редовна хигиена и дезинфекција на раце, особено ако лицата киваат и кашлаат, а устата ја покриваат со дланката наместо со внатрешноста од лактот, како што е препорачано.

„Доколку почувствувате некои од стандардните симптоми – сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично, веднаш побарајте помош од вашиот матичен лекар и задолжително носете маска“, советува Министерството за здравство.

Од таму информираат дека во здравствените домови ширум државата веќе е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во Здравствениот дом Скопје тестирање се врши во пет пункта.

„Исто така, сè уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид. Така што, за целосно заштитени се сметаат тиe кои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање“, додаваат од МЗ и потсетуваат дека сè уште на сила е обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица.