Македонија Поради најави за блокади од опозицијата, еколошката такса во Собрание ќе оди...

Поради најави за блокади од опозицијата, еколошката такса во Собрание ќе оди со европско знаменце

Фото: Бојан Блажевски

Владата на РСМ го доставила предлогот за еколошка такса на нафтените деривати како Закон кој треба да се усогласи со правото на Европската Унија, користејќи го европското знаменце. На овој начин, самиот закон би се донел во значително побрза постапка, бидејќи опозицијата колку и да достави амандмани за да го блокира неговото донесување, дебатата во собраниската комисија не може да трае повеќе од три дена.

Сепак, она што е неизвесно е дали еколошката такса на нафтените деривати ќе отпочне да важи од 1 јули, како што беше планирано од Владата на РСМ. Со еколошката такса, нафтените деривати ќе поскапат за 3,5 денари, без ДДВ. Премиерот Зоран Заев денеска рече дека се надева оти ќе ја убеди опозицијата за големото значење на еколошката такса, потсетувајќи за проблемите со загаденоста на воздухот, потребата од фабрики за селекција на отпадот и пречистителни станици за отпадни води.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање на денешниот брифинг со новинарите информираа дека средствата од најавената еколошка такса ќе бидат наменети за инвестирање во енергетски капацитети што ќе ги користат обновливите извори на енергија во земјава. Истовремено, се размислува и за мотивирање на граѓаните за набавка на хибридни и електрични возила преку воведување субвенции од 3.000 до 4.000 евра за возила кои имаат максимална цена од 22.000 евра. Паралелно со ова, повторно се најавува можноста за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови.