Македонија Поради ковид-19, од среда Бугарија ги затвора границите за влез на македонски...

Поради ковид-19, од среда Бугарија ги затвора границите за влез на македонски државјани

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Поради влошената епидемиолошка ситуација во Бугарија и во Европа, согласно најновата одлука на бугарското Министерство за здравство, изменет е режимот за влез и за државјаните на Република Северна Македонија, почнувајќи од 19 јануари (среда), со која се ограничува влезот за сите таканаречени не-есенцијални патувања во земјата, информираат од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

Исклучоците од ваквото ограничување за влез во Бугарија се единствено медицинските лица, хуманитарните работници, студентите, лицата со регулиран престој, делегациите и слично.

„Информираме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија е во постојана комуникација со надлежни институции во Република Бугарија и колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји“, се наведува во соопштението на македонското МНР.

Тие очекуваат напорите да вродат со плод до почетокот на имплементацијата на целосната забрана на 19 јануари и постојното решение да биде заменето со нова одлука, со која нашите државјани ќе можат да влезат во Бугарија и за таканаречените не-есенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест, и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

„Во кој било случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети, и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува 10 дневен карантин“, информираат од македонското МНР.

МНР ги предупредува граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија.