Дописници Поправени се нефункционалните семафори на еден од најфреквентните булевари во Тетово

Поправени се нефункционалните семафори на еден од најфреквентните булевари во Тетово

Семафорите на крстосницата на булеварот „Илинденска“ се поправени, откако повеќе од шест месеци не беа функционални и на тој начин секојдневно го загрозуваа животот на граѓаните, имајќи предвид дека се работи за една од најфреквентните улици во Тетово, информира „Порталб.мк“.

Станува збор за три семафори што се наоѓаат во близина на средното медицинско училиште и двата универзитети, а низ оваа улица дневно поминуваа стотици студенти и ученици при што беше загрозена нивната безбедност.

На овој булевар се случиле најмногу сообраќајки во Тетово, при што само во текот на 2019 година се пријавени 11 сообраќајки, некои од нив со тешки последици.

Инаку, „Порталб.мк“ редовно информираше за не функционирањето на семафорите, проблем што веќе неколку години ги засега граѓаните на Тетово. Пред извесно време медиумот извести за вртоглавата сума на тендерот на Општина Тетово, наменет за „Електрософт” компанија за одржување на семафорите. Истата компанија само во последните четири години има добиено околу 100.000 евра за одржување на семафорите, пари кои ги плаќаат тетовските даночни обврзници.