Македонија Попоски во посета на Пустец и на средба со Едмонд Темелко

Попоски во посета на Пустец и на средба со Едмонд Темелко

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска ја посети општината Пустец, каде оствари средба со градоначалникот на општината, Едмонд Темелко, соопштија од МНР.

Попоски, кој во Албанија учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан исто така се сретнал и со претставници на Советот на Општината, наставниот кадар по македонски јазик како и со претставниците на македонската заедница од повеќе општини од Албанија.

Како што се наведува во соопштението, на средбите се разговарало за можностите за поголема прекугранична соработка во преспанскиот регион, со акцент на екологијата и еко-туризмот, како и за можностите за подобрување на инфраструктурата што локално ги поврзува Македонија, Албанија и Грција.

– Образованието на нашите деца е најважната инвестиција во европската иднина на сите земји од регионот. Албанија и Македонија имаат огромен терен за соработка на патот кон ЕУ. Најважно е нашите граѓани реално да почувствуваат корист од приближувањето и ЕУ да биде достижна цел. Во овој период треба да се охрабриме да има што повеќе прекугранични врски и проекти – рече Попоски.

Во рамки на средбата, Попоски посетил и дел од училиштата во општината Пустец, каде донирал книги на македонски јазик прилагодени за деца на училишна возраст.