Македонија Попоски до Могерини: ЕУ по изборите во април да ги отвори вратите...

Попоски до Могерини: ЕУ по изборите во април да ги отвори вратите за преговори

Шефот на македонската дипломатија денеска во Брисел се сретна со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.

Како што соопштија од македонското МНР, на состанокот се разговарало за перспективите во евроинтегративниот процес на Република Македонија, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската комисија. Попоски ја поздравил продолжената препорака за донесување одлука за почеток на пристапните преговори. Тој ја реафирмирал посветеноста на македонската Владата за спроведување на преостанатите обврски од политичкиот договор и реформските приоритети во клучните области, истакнувајќи го очекувањето дека остварените резултати во овој домен мора да бидат пресудни за конечно донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори.

– Ние носиме одговорност за успех во политичкиот дијалог и реформите дома. Но, ЕУ има одговорност по април да ги отвори вратите за пристапни преговори. Ако сме успешни дома до изборите, а во Брисел се затворат очи, нема да има простор за изговори од било кого – рече Попоски.

На средбата се разговарало и за актуелните случувања во доменот на надворешната и безбедносна политика на Унијата, вклучително и за мигрантско-бегалската криза.

– Македонија ќе помогне во справувањето со бегалскиот бран. Ќе помогнеме и со спроведување на правилата што ги превземаат земјите-членки на ЕУ за засилена гранична контрола, канализирање и регистрација. Предизвик за Европа во моментов е да се најдат сеопфатни решенија кои може да функционираат. Проблем е што во моментот никој во Европа нема подготвеност отворено да каже која е политиката. Очекуваме помошта од европските партнери да биде канализирана кон нашите органи и институции кои директно на терен се справуваат со предизвиците поврзани со граничното обезбедување и контрола и осигурување на безбеден и хуман третман само на бегалците кои потекнуваат од земјите на вооружени конфликти, а кои кај нас доаѓаат од ЕУ – рече Попоски.