Свет Поплавите во Индија раселија 1,2 милиони лица

Поплавите во Индија раселија 1,2 милиони лица

Најмалку седум лица загинаа, а повеќе од 1,2 милиони лица ги напуштиле своите домови поради силниот дожд и поплавите во североисточната индиска провинција Асам.

Војската со чамци евакуира илјадници лица кои се заглавени на покривите и ги префрла во безбедни подрачја.

Локалните власти наведуваат дека националниот парк Казиранг, еден од најголемите резервати за носорози и за други диви животни, е поплавен по петдневните поројни дождови, кои врнеле без престан.

Реката Брамапутра и нејзините притоки поплавиле 18 државни области, разорени се многу патишта, а има и прекин на електричната енергија.

Поплавите се честа појава во Асам и во други делови на Индија во времето на монсуните, кои траат од јуни до септември.