Македонија Пописот да се одложи за април 2021 година, бара Државниот завод за...

Пописот да се одложи за април 2021 година, бара Државниот завод за статистика

Во буџетот нема предвидено пари за попис

И покрај тоа што беше закажан за периодот од 1 до 30 април 2020 година, пописот на населението ќе се одложи за една година. Од Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска и официјално побараа периодот на спроведување на пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката влада.

„Согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно“, се наведува во соопштението на ДЗС.

Статистика ќе го достави предлогот за пролонгирање на пописот до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови.

Од ДЗС потенцираат дека се подготвени за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со пописот со сите релевантни чинители во државата.