Македонија Попис 2021: Во земјава има 60 празни населени места повеќе во споредба...

Попис 2021: Во земјава има 60 празни населени места повеќе во споредба со пред 20 години

Село Оздолени. Фото: Општина Дебрца

Со последниот попис, преброени се 207 празни населени места во Северна Македонија, што е за 60 повеќе ако се спореди бројката во 2002 година, кога имало 147 вакви испразнети населени места. Статистичарот Дончо Герасимовски овој пат очекувал оваа бројка и да е поголема.

„Тогаш имаше 160 населени места кои имаа население до 10 жители. Имавме села со по еден или двајца жители. Намалување на бројот на жители со овој попис има и на ниво на општини. Тоа зависи од природното движење на населението, од бројот на живородени деца и т.н. Има и деца кои се родени во странство, што значи дека имаме иселување доста, а таков е примерот во Боговиње, Врапчиште, Струга, Тетово, Сарај, Гостивар, каде што има голем број иселено население во странство“, вели Герасимовски.

Според Герасимовски, ова може да се поправи ако државата усвои Стратегија за популациона политика поради падот на наталитетот, согласно која ќе се преземаат мерки и активности.

„Тоа подразбира помош што ќе ја дава државата за секое новородено дете, овозможување на подобри услови на младото население во однос на животниот стандард, подобри плати, олеснети услови за купување станови, олеснување во однос на стручно усовршување. Ова треба да се прави за да не ни се иселува младото население. Бидејќи помалиот наталитет значи и помалку ученици, студенти, се затвораат училишта. Потребна е и стратегија за плански региони, согласно која ќе се преземаат активности онаму каде што има потреба“, вели тој.