Свет Европа Понеделник ќе биде ден на жалост во Русија, соопшти Путин

Понеделник ќе биде ден на жалост во Русија, соопшти Путин

Рускиот претседател Владимир Путин го прогласи понеделник за ден на жалост поради падот на рускиот авион на министерството за одбрана, во кој загинаа 92 лица. Авионот падна во Црното Море во близина на Сочи, две минути по полетувањето.

– Утре ќе биде ден на национална жалост во Русија – им рече Путин на новинарите.

Рускиот претседател претходно изрази сочувство до семејствата на загинатите и му наложи на премиерот Димитри Медведев да застане на чело на државната комисија што ќе го истражува падот на авионот.

Премиерот Медведев соопшти дека Русија детално ќе ги истражи сите околности поврзани со падот на авионот.

– Оваа страшна трагедија однесе животи на луѓе кои беа енергични и имаа планови. Помеѓу загинатите има новинари, војници и музичари на познатиот „Ансамбл Александров“. Тие летаа во Сирија во мировна мисија на добрата волја – соопшти Медведев.

Рускиот премиер наведе дека сите погодени од оваа трагедија ќе примат неопходна помош и им испрати сочувство на семејствата на жртвите.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, соопшти дека кон падот на авионот се упатиле четири бродови, пет хеликоптери и неколку дронови.