Хроника Полициски претреси во гостиварската населба Фазанерија каде загина 10-годишното дете

Полициски претреси во гостиварската населба Фазанерија каде загина 10-годишното дете

Полицијата, по наредба на јавен обвинител, има извршено претреси во неколку домови во гостиварската населба Фазанерија, каде во понеделникот од залутан куршум загина 10-годишно дете. Во интерес на истрагата за пронаоѓање на сторителот на ова кривично дело, повикани се неколку лица на разговор во СВР Тетово, а од местото на трагедијата подигнати се и материјали за вештачење.

Залутаниот куршум, кој смртно погоди 10-годишно дете, најверојатно е истрелан од сведбена церемонија, која се одвивала во непосредна близина каде 10-годишникот играл пред својот дом со другарчиња.

Стрелањето со огнено оружје и користењето распрскувачки материјали за време на свадби е честа појава во полошкиот регион, при што настрадуваат гостите, но и жители што живеат во близина на угостителските објекти во кои се организираат вакви веселби.

СВР Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од стрелање на свадбени церемонии. Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и за овој вид прекршок предвидени се парични глоби од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Доколку со пукањето се загрози животот и имотот на други граѓани, законот предвидува кривична одговорност и затворски казни од една до пет години.