Македонија Полицијата запре неколку обиди за шверц на мигранти

Полицијата запре неколку обиди за шверц на мигранти

Во текот на вчерашниот ден, полицијата во три одделни случаи кај Демир Капија открила вкупно 21 илегален мигрант од Пакистан и од Ирак.

Полициски службеници од Неготино вчера, околу 1.30 часот, во близина Демир Капија, забележале две патнички возила во кои се превезувале илегални мигранти. Едното патничко возило, „пежо 206“ со бугарски национални ознаки, било управувано од Х.Д. (22) од Прилеп и во него се превезувале четири илегални мигранти од Ирак. Во другото патничко возило, „сеат толедо“ со кумановски регистарски ознаки, чиј возач избегал, се превезувале пет илегални мигранти од Ирак.

Осомничениот и илегалните мигранти околу 2.30 часот се приведени во Полициската станица Неготино и со нив е извршен разговор. По целосно расчистување и документирање на настанот, како што информираат од полицијата, ќе следи соодветен кривичен поднесок, а илегалните мигранти ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци.

На автопатот Гевгелија – Демир Капија, вчера, околу 4.45 часот, од страна на мешовит патролен тим од полициски службеници од Полициската станица Богородица и полициски службеници од Хрватска, забележано било патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки.

При обид да биде сопрено возилото, возачот не застанал и избегал. Полицијата го пронашла возилото, а возачот избегал од самото место. Во возилото биле пронајдени 12 илегални мигранти од Пакистан.

Увид на местото на настанот извршила екипа од полициската станица Валандово. Лицата се приведени во полициска станица за понатамошна постапка.