Македонија Полицијата вчера во Скопје казнила 210 возачи, повреден полицаец при вршење контрола

Полицијата вчера во Скопје казнила 210 возачи, повреден полицаец при вршење контрола

Извор на фотографија: МВР

Еден полицаец ноќеска околу 1 часот по полноќ бил повреден додека вршел сообраќајна контрола на булеварот „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода. Како што информираат од МВР, додека полицискиот службеник мерел со радар брзина на движење на возилата, А.Д. (19) со возило „цитроен берлинго“ го удрил и повредил полицаецот, по што заедно со неговиот сопатник побегнале од местото на настанот.

Полицијата ги пронашла возачот и неговиот сопатник К.М. (21), кои се приведени во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. Повредениот полициски службеник бил пренесен во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.

Инаку, СВР Скопје продолжува со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот. Во текот на вчерашниот ден биле изречени вкупно 210 санкции, меѓу кои за возење без возачка дозвола на 11 лица, за пречекорување на дозволената брзина на движење биле констатирани 81 прекршок, а за нерегистрирани и технички неисправни возила биле напишани 7 казни.

Во текот на вчерашниот ден биле санкционирани 23 мотоциклисти, 74 возила биле подигнати со пајак, а изречени се и 11 санкции за неносење на заштитна маска. Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.