Македонија Полицијата вчера открила 43 технички неисправни возила за јавен превоз низ земјава

Полицијата вчера открила 43 технички неисправни возила за јавен превоз низ земјава

Извор на фотографија: МВР

Министерството за внатрешни работи (МВР) во вчерашната акциска контрола за техничката исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници открила 43 прекршоци низ целата земја. Притоа, најмногу прекршоци се откриени на територијата на СВР Тетово, каде законски биле санкционирани 24 технички неисправни возила, и тоа 7 во Тетово и 17 во Гостивар. Од нив, 17 возила веднаш биле исклучени од сообраќај, а на сите прекршители им биле изготвени соодветни поднесоци.

На територијата на СВР Велес, во вчерашната акциска контрола констатирани се 9 прекршоци на возилата кои вршеле јавен превоз на патници, од кои 7 се во Велес и 2 се во Кавадарци. Против прекршителите ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, СВР Струмица вчера констатирала 4 прекршоци за техничка неисправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници во овој дел од земјата.

„На 18.11.2020 СВР Штип спроведе акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници, при што се откриени вкупно 6 прекршоци, од кои два за неисправен уред за запирање, два за неисправен уред за управување и два за неисправни светлосни уреди. Преземени се мерки за сите горенаведени прекршоци“, се наведува во билтенот на МВР.

МВР засилени акциски контроли врши од средината на септември годинава, а главната цел е да се зголеми безбедноста во јавниот превоз и да се почитуваат сообраќајните правила и прописи. Досега технички неисправни автобуси, комбиња и такси возила кои превезуваат патници беа откриени низ целата земја.