Македонија Поднесена кривична пријава за нелегално насипување на земја и шут на брегот...

Поднесена кривична пријава за нелегално насипување на земја и шут на брегот од Охридското езеро во населба Далјан

Фото: Фејсбук-профил ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина во рамките на инспекциска постапка утврди дека на потегот помеѓу хотел Далјан и Дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.

Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава. Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднесе и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба.

„Имајќи го предвид Мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем” очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето,“ се вели во соопштението.

До надлежното Јавно обвинителство Охрид е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот.