Македонија Почнува пријавувањето за Лотаријата за зелена карта за САД за 2025 година

Почнува пријавувањето за Лотаријата за зелена карта за САД за 2025 година

Кандидатите може да се пријават на официјалната веб страница, на која има целосни инструкции. Учеството во лотаријата е бесплатно

Статуата на слободата, Њујорк | Фото: Вилијам Варби (William Warby), CC BY 2.0 , Викимедија комонс

Од 18 часот денеска, сите заинтересирани ќе може да се пријавуваат за Лотаријата за зелена карта за САД за 2025 година, информира американската амбасада во Скопје.

Рокот за пријавување е 18 часот на 7 ноември годинава.

Кандидатите може да се пријават на официјалната веб страница, на која има целосни инструкции. Учеството во лотаријата е бесплатно.

Кандидатите може да се пријавуваат лично или да побараат помош од страна на трето лице кое ќе ја поднесе пријавата во нивно име. Во секој случај, за едно лице може да има само една апликација и секој кандидат е одговорен за своите податоци и дали поднесените информации во пријавата се потполни и точни.

Внесување на неточни или нецелосни податоци може да доведе до дисквалификување на кандидатот дури и откако е извлечен како добитник на зелена карта.

Без разлика дали пријавата е поднесена лично или со помош на адвокат, пријател или роднина, секој кандидат може да поднесе само една лична пријава. Поднесувањето на повеќе лични пријави ќе доведе до дисквалификување од лотаријата.

Секој кандидат треба да ја испечати и зачува потврдната страница од пријавата по пополнувањето на апликацијата за да може да ја провери. Исто така, секој кандидат треба да го зачува својот единствен број барем до 30 септември, 2025 година, без разлика дали е извлечен на почетокот. Овој број е единствениот начин преку кој може да се провери дали кандидатот е избран.

Кандидатите ќе можат да проверат дали се избрани преку програмата почнувајќи од 4 мај 2024 година.