Економија Почнаа преговорите за зголемување на минималната плата

Почнаа преговорите за зголемување на минималната плата

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, заменик-министерката за финансии, Ширете Елези, и економскиот тим во Министерството за финансии денеска со претседателите на синдикатите почнаа разговори за зголемување на минималната плата.

Како што соопштија од Министерството за финансии, владините претставници на синдикатите им го презентирале планот за зголемување на минималната плата и им соопштиле дека постои конкретна стратегија.

На средбата, на која биле соопштени следните владини чекори, биле сослушани и предлозите на претседателите на синдикатите. Министрите и експертите соопштиле дека за предлозите на синдикалните лидери ќе биде разговарано на идната средба со работодавците.

Разговорите за зголемување на минималната плата продолжуваат и следната недела со стопанствениците, во насока на размена на мислења и консултации со сите засегнати страни. Предлогот за минималната плата од 12.000 денари ќе се однесува на сите сектори и ќе влезе во ребалансот на буџетот.