Македонија Почна пријавувањето за субвенции од Град Скопје за печки на пелети

Почна пријавувањето за субвенции од Град Скопје за печки на пелети

Град Скопје објави дека од денеска почнува пријавувањето за субвенции, односно надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети, за 2017 година. Градската управа ќе покрие најмногу 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари како сума со вклучен персонален данок на доход, за купена печка на пелети од денеска до 22 ноември годинава. Пријавувањето трае, исто така, до 22 ноември, а парите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен.

Јавниот повик е објавен на оваа страница на Град Скопје и во некои печатени медиуми.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на Град Скопје  (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај. На Јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Градот, секој работен ден од 8 до 16 часот.