Македонија Почина жената од Неготино која беше претепана од својот партнер

Почина жената од Неготино која беше претепана од својот партнер

Image by Nino Carè from Pixabay

Во текот на вчерашниот ден, на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) починала 46-годишната жена од Неготино, која пред пет дена, на 2 август, беше претепана од страна на нејзиниот партнер. Жената од тогаш била во кома поради тешките нанесени повреди.

Како што пишува „Фокус“, сега починатата била мајка на две полнолетни деца, а насилникот бил нејзин партнер со кого била во врска подолг период.

Настанот од 2 август бил пријавен во полиција од страна на дежурниот лекар од Итната медицинска помош во Неготино, по што насилникот бил лишен од слобода. Тој сам го пријавил случајот во итната помош.

Обвинителството отвори истрага за случајот, а насилникот сега е во притвор.

И покрај многуте кампањи кои се спроведуваат, насилството врз жените во земјава е актуелен проблем. Според Анализата на УНДП на случаите на фемициди во Северна Македонија објавена во ноември минатата година, родово базираните убиства на жени од страна на мажи се „скриена пандемија“ која ја загрозува безбедноста на голем број жени и девојки. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, бидејќи сторителите биле сегашни или поранешни партнери или членови на семејството на жртвата.