Фемицидот е скриена пандемија: Не молчи, не трај, стави крај

Фото: УНДП

„Насилството врз жените, вклучително и феноменот на семејно насилство претставува најгруба форма на кршење на човековите права. Фемицидот е најекстремната форма на родово базирано насилство, односно криминал сторен од омраза“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната презентација на Анализата на случаи фемициди во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ – Не молчи. Не трај. Стави крај.

Фото: Анализа на случаи на фемицид – убиства на жени во Република Северна Македонија

Резултатите на анализата која го опфаќа периодот на убиства на жени во период од 2017 до 2020 година покажува дека фемицидите, односно родово базираните убиства на жени од страна на мажи се „скриена пандемија“ која ја загрозува безбедноста на голем број жени и девојки. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени за време на четирите години обработени во анализата, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители се сегашни и поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата.

Загрижувачки факт кој резултира од анализата на УНДП е и дека жените иако подолг период се жртви на насилство тоа не го пријавуваат. Земајќи предвид дека сите убиства кои биле извршени со огнено оружје биле извршени од мажи се потврдува тезата дека тие се најранливи во своите домови. 

Фото: Анализа на случаи на фемицид – убиства на жени во Република Северна Македонија

Во повеќе од 80% од случаите, иако постоело насилство за кое подоцна во постапката сведочеле и блиски роднини на жртвата, ниедна од 14 убиени жени не го пријавила насилството што го преживувала во надлежните институции. Поголемиот дел од убиените жени биле изложени на повеќе од една форма на родово базирано насилство, а 6 од нив добивале и закани за убиство. Застрашувачки е и податокот дека дури 6 малолетни деца биле сведоци на убиствата, од кои 4 биле директни
сведоци, односно биле присутни во истата просторија кога сторителот го извршувал убиството.

Фото: Анализа на случаи на фемицид – убиства на жени во Република Северна Македонија

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во нејзиното видео обраќање потенцираше дека во нашата држава функционираат 11 специјализирани сервиси за згрижување жртви на семејно насилство во шест плански региони, меѓу кои два кризни центри, осум специјализирани советувалишта и центар за жртви на трговија со луѓе. Таа ја потсети јавноста дека жртвите на семејно насилство и родово базирано насилство можат да побараат помош и веднаш да се интервенира, со само еден клик на мобилниот телефон преку апликацијата „Биди безбедна“.

„Сите ние треба да посветиме повеќе внимание и на причините, а не само на последиците од семејното насилство. Една од причините за фемициди е пристапот до огнено оружје на сторителите. Статистиката, која е навистина неверојатна, покажува дека дури 99,5 отсто од огненото оружје во државата е во сопственост на мажи. Би сакал да истакнам дека ние во УНДП остануваме посветени на поддршката на МВР за зајакнување на капацитетите за регулирање на пазарот на огнено оружје и за борба против недозволената трговија со оружје“, апелираше Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Фото: Анализа на случаи на фемицид – убиства на жени во Република Северна Македонија

Министерот Спасовски потенцираше дека една од клучните цели е преку подобрување на прибирање податоци, анализа и дисеминација на информации поврзани со малото и лесно оружје да се обезбедат политики и практики за негова контрола.

Тој истакна дека современите трендови на криминал, криминалот од омраза, родово базираното насилство, фемицидите – како екстремно злосторничко однесување бараат пристап кој ќе се темели на проактивност и оттаму развивањето на полицискиот информациски систем значајно ќе придонесе да се намали нелегалното оружје но и да се зголеми бројот на одземени дозволи за оружје на лица, а сето тоа ќе придонесе за поголема општа и лична безбедност на граѓаните.

Како една од главните и неопходни препораки, една од авторките на Анализата на фемициди, Елена Димушевска ја истакна потребата од измена и дополнување на Кривичниот законик преку предвидување на фемицидот како посебно кривично дело, или дополнување на отежнителните околности при квалификација на основното убиство со попрецизно дефинирање на родово базираното насилство, по примерот на европските земји.

„Согласно ова треба да бидат предвидени и повисоки казни за сторителите на ова кривично дело“, рече Димушевска.

Тања Кикирикова, раководителка на секторот за меѓународна соработка во Министерството за правда, се надоврза дека при квалификување на делото треба да се обрне внимание на разликите во Кривичниот законик меѓу отежнителните околности и потежок облик на делото. 

Македонското законодавство не го препознава терминот фемицид, па оттаму и не го регулира како посебно кривично дело. Она што е дел од кривичниот законик е основното убиство (член 123), а вршењето на кривичното дело Убиство во семејно насилство е предвидено како отежнителна околност во истиот член, став 2, точка 2. Со вклучувањето на семејното насилство како отежнителната околност се предвидува потешка казна за сторителот, односно од минимум 10 години до доживотен затвор.

Според истражувањето на Организацијата на Обединетите нации за дроги и криминал (UNODC), објавено во 2019 година, 58 отсто од жените жртви на убиство во светски рамки се намерно убиени од нивниот интимен партнер или од друг член на семејството.

„Во рамки на кампањата против родово базирано насилство, пред два дена беше објавен извештај во кој се посочува дека во Германија секој втор ден по една жена настрадува од рацете на нејзиниот партнер или поранешен партнер. Родовиот баланс во секојдневниот живот и во политиката, во сите сегменти во општеството е предуслов за ставање крај на родово базираното насилство“, порача Анке Холштајн, Амбасадорка на Сојузна Република Германија.