Свет Балкан Почина поранешниот грчки претседател Стефанопулос

Почина поранешниот грчки претседател Стефанопулос

На 90-годишна возраст, почина поранешниот грчки претседател Костис Стефанопулос. Стефанопулос беше хоспитализиран во четвртокот со пневмонија и почина вчера, доцна вечерта, во една од атинските болници.

Стефанопулос беше претседател на Грција од 1995 до 2005 година, со два мандати и со голема поддршка и од Нова демократија и од ПАСОК.

Имаше долга политичка кариера која почна уште во 1964 година, кога првпат беше избран за пратеник во грчкото собрание. Активен член на десничарската Нова демократија, тој беше дел и од првата грчка влада на Константинос Караманлис по падот на воената хунта во Грција.

Поранешниот грчки претседател неколку години се одвои од матичната партија и формираше свое движење, кое конечно во 1990 година повторно се припои кон Нова демократија и даде поддршка на партијата за да ѝ овозможи да освои мнозинство во грчкиот парламент.

Стефанопулос беше избран за претседател со широка поддршка од грчкиот парламент најпрво во 1995 година, а потоа и повторно во 2000 година. Сè уште важи за еден од најпопуларните грчки политичари, а пред пет години излезе со став дека на Грција ѝ е неопходна влада на широка партиска коалиција за да излезе од политичкиот хаос и за подобро да се справи со финансиската криза.

Пораки за сочувство за смртта на Стефанопулос испратија премиерот Алексис Ципрас, претседателот Прокопис Павлопулос и голем број политичари од грчката влада и од матичната партија на поранешниот грчки претседател, Нова демократија.