Свет Европа По Турција, и Виктор Орбан го проблематизира членството на Финска и Шведска...

По Турција, и Виктор Орбан го проблематизира членството на Финска и Шведска во НАТО?

Фото: ЕПП, Викимедиа комонс, commons.wikimedia.org

Мнозинството од владејачката партија Фидеш на Виктор Орбан во унгарскиот парламент го отфрли предлогот на опозициската Унгарска социјалистичка партија (МСЗП), со кој требаше да се одреди вторник 4 октомври како датум за парламентарно гласање за членството на Финска и Шведска во НАТО.

Освен Унгарија, Турција е единствената членка на НАТО која сè уште не го ратификувала пристапувањето на двете земји во воената алијанса. Унгарската влада ги поднесе барањата за членство на Финска и Шведска во НАТО до парламентот во јули, но парламентарниот спикер Ласло Ковер допрва треба да ги стави на дневен ред. Засега нема прецизен датум за тоа кога унгарскиот парламент би гласал за членството на двете скандинавски земји во НАТО, пишува Јуроактив.

Јуроњуз пишува дека по три месеци дури 28 од 30 земји-членки на НАТО го ратификуваа членството на Финска и Шведска во Северноатлантската Алијанса. Сепак, и покрај барањето на унгарската опозиција оваа точка да се најде на дневен ред во парламентот, владејачкото мнозинство го одолговлекува нејзиното разгледување. Теоретски, приемот на Финска и Шведска во НАТО е на распоредот на унгарскиот парламент, но во пракса не се знае датумот кога ќе се разгледа оваа точка.

Мина Аландер, истражувач во Финскиот институт за меѓународни односи во Хелсинки за Јуроњуз вели дека Виктор Орбан се обидува да го искористи фактот што Турција го блокира пристапот на двете скандинавски земји во НАТО.

„Веројатно Фидес се надева дека ќе ги поврзе членството на Финска и Шведска во НАТО со неодамнешниот предлог на Комисијата на ЕУ за замрзнување на средствата за Унгарија поради загриженоста за владеење на правото“, рече таа за Јуроњуз.