Македонија По три години изградба, пуштена во употреба првата фаза од експресниот пат...

По три години изградба, пуштена во употреба првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш

Извор на фотографија: Општина Штип

Првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од околу 23,5 километри денеска беше пуштена во употреба. По три години од почетокот на градежните работи, премиерот Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и шефот на Европската банка за обнова и развој во Македонија, Андри Аранитаси, присуствуваа на отворање на патот, кој се градеше на потегот од селото Софилари кај Штип до Бучим.

Оваа делница од експресниот пат е изградена пред рокот од страна на австриската компанија „Штрабаг АГ“. Возачите во иднина меѓу Штип и Радовиш ќе патуваат со максимална брзина од 110 километри на патот, а безбедноста во сообраќајот ќе се подобри поради фактот што покрај сообраќајните ленти со широчина од 3,5 метри во секој правец, на експресниот пат се изведени и помошни ленти за застанување.

Експресниот пат Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот меѓу Миладиновци и Штип, што ќе им овозможи на жителите од југоисточниот дел на земјава многу побрзо да патуваат до главниот град. Инаку, во моментов се работи и на изведба на втората фаза од експресниот пат Штип-Радовиш, со која е планирано во целост да се заврши реализацијата на целокупната траса со должина од 40,4 километри.

„Сакам да информирам дека интензивно работиме и на изградба на втората фаза од овој експресен пат – делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ, како и делницата од Бучим до Радовиш. Очекуваме оваа делница комплетно да биде завршена во средината на следната година“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека вкупната вредност на двете фази е околу 60 милиони евра.
„Со техничките квалитети на експресниот пат, со по една коловозна и помошна лента, и со широчина од 11,4 метри, тој претставува основа за можен иден автопат. Максималната брзина на движење на возилата е 110 километри на час. Оваа прва фаза од експресниот пат А4  во време на пандемија е комплетно завршена во предвидениот рок од 3 години. Изградена е согласно со важечките прописи и стандарди со издвоена вкупна вредност од 45 милиони евра. Заради подобро поврзување со блиските населени места, на експресниот пат изведени се вкупно 40 објекти за премостување, односно 4 клучки согласно со највисоките стандарди, 7 надпатници и подпатници, 11 мостови и вијадукти, и сето ова за полесен пристап на граѓаните до и од експресниот пат. По целата должина на патот има заштитна жичена ограда за побезеден сообраќај“, изјави директорот Рустеми.