Македонија По пожарите во скопско, Градот ветува нови пожарникари и нови возила

По пожарите во скопско, Градот ветува нови пожарникари и нови возила

Нови возила за гаснење пожари, противпожарни скали и нови вработувања во Противпожарната бригада на Град Скопје вети денес скопскиот градоначалник Петре Шилегов, најавувајќи дека е веќе почната постапка за набавките. Тој призна дека градот има недоволен број на професионалци пожарникари и дека од 2005 година наваму, пожарникарите кои заминувале во пензија не биле заменувани со нови.

– Пред конкурсот што го објавивме лани и на кој беа примени 22 нови пожарникари, Противпожарната бригада на Градот падна на 189 луѓе што е недозволиво имајќи ги предвид стандардите и правилата според кои градската пожарникарска служба треба да има околу 330 лица – рече Шилегов.

На денешната прес-конференција скопскиот градоначалник беше прашан дали Градот нешто превзема откако неколкуте последни пожара во околината на Скопје, кај селата Буковиќ, Љубин како и непосредно до населбата Пинтија покажаа дека било неопходно вонредно ангажирање на пожарникари, па тие биле повикувани од дома и од одмор за да ги локализираат големите пожари кои им се закануваа на домовите на локалните жители.

– Очекувам во рамки на преговорите што ги имаме со Владата дотациите што ги имаме за одржување на пожарникарската служба ќе бидат подобрени и дека до крајот на оваа или на почетокот на следната година ќе отвориме конкурс за нови 50 пожарникари, со што бројката би достигнала околу 250-260 лица вработени во Противпожарната служба. Знаете како велат- пожарникар можеби ќе ви затреба еднаш во животот но го плаќате цел живот што е сосема во ред бидејќи тие се херои и од мене како градоначалник имат посебна почит бидејќи го изложуваат на ризик своето здравје и живот за да ги спасат нашите – рече Шилегов.