Свет Балкан По пауза од две години се одржа конференцијата PRaćka во Белград

По пауза од две години се одржа конференцијата PRaćka во Белград

Фото: EU TACSO 3

Претставници на граѓанските организации од регионот по две години пауза имаа можност да разговараат за стратегии и решенија за предизвиците, за креирање на ефективни комуникациски планови и учеа нови комуникациски вештини како што се раскажување приказни и воспоставување на релации со медиумите како и креирање на комуникација и канали за да се поврзат со младата генерација преку TikTok и Podcast-и на конференцијата „PRaćka“ („чатал“ на српски) која се одржа во Белград на 20-21 април 2022 година.

На конференцијата, која од оваа година за прв пат е регионална, учествуваа  еминентни говорници и професионалци од граѓански организации од Србија, Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Конференцијата имаше за цел да им помогне на граѓанските организации низ Западен Балкан да ги зајакнат своите способности за комуникација со граѓаните, и е во организација на Граѓански иницијативи, српска невладина организација, со поддршка на проектот EU ТАКСО 3 на ЕУ.

Граѓанските организации играат важна улога во сите наши општества. Тие обезбедуваат основни услуги за граѓаните каде што јавните услуги не можат да стигнат. Тие помагаат да се надгледуваат владините политики и дејствија и бараат одговорност. Тие се ангажираат во активизам и нудат алтернативни политики и регулативи засновани на докази.

Нивната работа никогаш не била лесна. Нив ги попречуваат многу ограничувања како што се физички и вербални напади, неоправдани медиумски критики и намалување на извори на финансирање.

Клучен предизвик за нив е да ја направат својата работа повидлива за јавноста, што ќе им помогне да мобилизираат поголема поддршка и да привлечат волонтери. Покрај тоа, пандемијата на Ковид-19 доведе до намалување на видливоста за многу граѓански организации.

Конференцијата PRaćka оваа година е за прв пат регионална и обединува еминентни говорници и професионалци од граѓански организации од Србија, Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Горан Ризаов, менаџер на програмата Медиуми за демократија во Фондацијата Метаморфозис, кој беше еден од панелистите, изјави дека на граѓанското општество му требаат информации како да комуницира со јавноста за да се зголеми видливоста, бидејќи активностите на организациите се од витално значење за нашето општество.

Горан Игиќ од Северна Македонија го претстави проектот „Види Вака“ како пример за начин да се претстават инспиративни приказни од социјалното опкружување, на сопствен канал.

„PRaćka” е единствената конференција во регионот посветена на односите со јавноста и комуникациите во непрофитниот сектор. Името (чатал за рачно гаѓање) е инспирирано од приказната за Давид и Голијат, водена од желбата да се привлече вниманието на тоа колку малите, но смртоносни оружја можат да бидат корисни во борбата против големите проблеми.

НВО „Граѓански иницијативи” и проектот ЕУ ТАКСО ја организираат конференцијата како настан на ЕУ – и дел од програмата „Од луѓето за луѓето“ (People2People). За прв пат има регионален карактер и ќе обезбеди можност за проширување на размената на знаења и искуства меѓу учесниците во трендови, нови алатки и технологии во комуникацијата.