Македонија По 12 дена штрајк, од утре нормализација на железничкиот сообраќај

По 12 дена штрајк, од утре нормализација на железничкиот сообраќај

Товарните возови ќе почнат да сообраќаат уште попладнево, а од утре наутро ќе се нормализира и патничкиот сообраќај

Товарни возови на железничката станица во Гевгелија; Фото: Мета.мк

Машиновозачите по 12 дена штрајк денеска се одлучија да го прекинат штрајкот, откако им бил исплатен вториот дел од платата за февруари и патните трошоци за март. Од попладнево ќе се нормализира товарниот железнички сообраќај, додека од утре во 6 часот ќе почнат да сообраќаат и патничките возови.

Машинскиот персонал во Железници на РСМ-Транспорт стапи во штрајк на 31 март годинава, со три барања што му беа предочени на раководството на државната компанија. Покрај исплатата на платата, тие побараа и зголемување на вредноста на бодот за 30 проценти, но и вработување на 40 машиновозачи.

Машиновозачите минатата недела имаа средба со новиот директор на Железници на РСМ-Транспорт, при што им било предочено дека ќе се исполни нивното барање за вработување на дополнителни машиновозачи за да се покрие актуелниот недостиг на кадар кој ќе управува со возовите.