Македонија Пломп: Многу е важно како државните институции се соочуваат со разновидноста

Пломп: Многу е важно како државните институции се соочуваат со разновидноста

ЛГБТИ-правата не се застапени во агендите на политичките партии, покажува анализата на здружението на граѓани „Субверзивен фронт“, изработена според прашалници испратени до политичките партии за застапеноста на ЛГБТИ-проблемите во платформите на политичките партии.

Од „Субверзивен фронт“ испратиле прашалници до 31 политичка партија, а одговор добиле само од пет партии: СДСМ, Либерална партија, ДОМ, ЛДП и Левица.

– Анализата покажува дека ЛБГТИ-правата не се застапени во платформите на политичките партии и онаму каде што се застапени, станува збор за политички партии со мала политичка моќ и влијание. Ова го сфаќаме како рефлексија на хомофобичните ставови во општеството, кои им налагаат на политичките партии да ја избегнуваат практиката јасно и гласно да застанат зад правата на овие лица. Единствена партија која одговори дека на своите партиски листи има ЛГБТИ-лице е Либералната партија – вели Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“.

Важно е да се бориме за човековите права за сите, а тоа вклучува и еднакви права за луѓето што припаѓаат на ЛГБТИ-заедницата, вели амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.

– На 10 декември ќе го прославиме Денот на човековите права, минатата недела го одбележавме Денот за борба против сидата. Мислам дека е важно на вакви денови да видиме што сме постигнале и што уште треба да се постигне. Ова се однесува и на мојата земја, Холандија, и на Македонија. Многу е важно како државните институции и власта се соочуваат со разновидноста. Важно е да застанеме и да се бориме за правата на сите човечки суштества. Мислам дека се направени добри чекори за правата на ЛГБТИ-заедница во Македонија, но како и во секое општество остануваат важни чекори да се прават и понатаму – вели Пломп.